Томовски и Гаџа го знаат рецептот за Кил, треба да се „убијат“ контрите на германскиот гигант

Вардар ќе се обиде да ја сопре мини-серијата од два порази во Лигата на шампионите, но ќе има уште еден многу тежок меч против германскиот ракометен великан Кил задутре во Скопје од 20.45 часот.

Еден од најнезгодните ривали за Вардар ќе биде повторно гостин на Црвено-црните, а самиот податок дека Кил има само еден пораз од „црвено-црните“ во Скопје на четири гостувања е доволен податок за тежината на мечот во А групата, во рамките на шестото коло во Лигата на шампионите.

„Против нив мора да ги сведеме грешките на минимум за да се надеваме на добар резултат. Имаат страшно брзи контри и трансформација од одбрана во напад, па затоа ќе треба многу да внимаваме. Во нашата игра има доста место за напредок и се надевам дека ќе бидеме подобри за да се радуваме на успех против Кил“, вели Анте Гаџа, Хрватот во редовите на Вардар.

Двете екипи се рекордери според бројот на домашни пехари, Вардар со 14 шампионски круни во Македонија, Кил со 22 во Германија, а имаат и вкупно шест европски круни, две Вардар и четири Кил.

„Ни гостува екипа што е европски гигант и сега играат одлично, но како и секој тим, имаат недостатоци. Ние треба да се координираме подобро во одбраната, да бидеме максимално концентрирани и дисциплинирани во клупчните моменти за да имаме шанси за успех. Шанса ни е што Кил игра со максимално темпо на повеќе фронтови, па се надевам дека ќе ги искористиме нивните слабости за добар резултат“, изјави голманот Мартин Томовски.

Кил со 7 бода е на третото место во А групата со ист ефект како и Монпелје и само за еден бод зад лидерот Алборг по пет кола. Вардар е на шестата позиција со пет бода, но ако го победи Кил, има шанса да се израмни со најтрофејниот германски ракометен клуб.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести