Томпсон: Со титула да се простиме од „Оракл арената“

Бекот на Голден стејт вориорс, Клеј Томпсон, во пресрет на почетокот на новата сезона во НБА, посочи дека има една желба пред неговиот тим да се пресели во нова арена, поточно „Чејс центарот“, каде што „воините“ ќе играат од 2019 година.

„Сакаме да освоиме уште една титула пред да ја напуштиме оваа прекрасна арена. Не само поради „Оракл“, туку и поради сите навивачи во Оукленд, кои ѝ се лојални на оваа екипа повеќе од 40 години. Тешко ќе биде да се повтори атмосферата каква што е во „Оракл арената“, особено кога треба да се преселиме во нова сала. Не е лесно да се изгради истата интима со навивачите каква што е во моментов“, посочи Томпсон.

„Воините“ имаат фантастичен учинок во „Оракл“ откако на клупата на франшизата застана Стив Кер во 2014 година. Забележаа 143 победи, сметајќи ги и 16-те последователни триумфи во плејофот минатата сезона, додека само 21 пат беа поразени пред своите навивачи.

Новата сезона во НБА, актуелниот првак ја отвора пред своите фанови во дуелот против Оклахома сити тандерс, мечот кој ќе се одигра ноќеска, веднаш по завршувањето на премиерната средба помеѓу Бостон и Филаделфија. Во последните четири сезони, Голден стејт трипати се искачи на кошаркарскиот трон во САД.

- Оглас -

Најнови вести