Торес: Играв покрај многу врвни фудбалери, но Џерард беше најдобар

Фернандо Торес на 22 август ќе го одигра својот последен меч во кариерата. По 18 години активно играње фудбал, Шпанецот реши да означи крај, а последниот настап со својот клуб Саган Тосу ќе му биде против Висел Кобе, односно против поранешните репрезентативни соиграчи Андрес Иниеста и Давид Вилја.

Според него, тоа ќе биде перфектен крај на кариерата, а на една прес-конференција новинарите го прашаа со кој соиграч ги доживеал најубавите моменти – Торес избра еден, тоа е Стивен Џерард, поранешниот капитен на Ливерпул и сегашен тренер на шкотски Ренџерс.

„Во овие 18 години делев соблекувална со многу врвни фудбалери, но за мене, Џерард е идеалниот соиграч. Во него го најдов играчот кој ја комплетираше мојата замисла за фудбал. Кога бев со Стивен на теренот, моето ниво на игра драстично се зголемуваше. Поминав неверојатни три и пол години со него, би сакал повторно да доживеам еден момент од тие денови, барем на кратко“, истакна Торес.

Шпанецот издвои и два најтешки дефанзивци со кои се соочил, еден му е сонародник, другиот му беше соиграч по преселбата од Ливерпул во Челзи.

„Карлес Пујол и Џон Тери за мене беа кошмар. Исклучиво квалитетни дефанзивци кои секогаш ме притискаа до максимум. Точно е дека се соочив и со многу други, но Пујол и Тери едноставно немаа милост кон мене“, додаде Торес.

Инаку, откако обелодени дека повеќе нема да игра фудбал, Атлетико Мадрид му понуди на Торес да се врати во матичниот клуб и да добие функција на амбасадор.

- Оглас -

Најнови вести