Тотенхем не победи, но Конте постави рекорд

Тотенхем повеќе од едно полувреме беше со фудбалер плус на теренот, но тоа не беше доволно лондонскиот тим да слави на гостувањето кај Саутхемптон. Во меч од 20-тото коло, дуелот на „Сент Мери“ заврши нерешено, 1:1.

Иако Тотенхем не ги освои трите бода, тренерот на овој тим, Антонио Конте, испиша клупска историја. Италијанскиот стратег е првиот тренер во историјата на клубот кој нема ниту еден пораз во првите седум меча од првенството. Со Конте на чело, Тотенхем има четири победи и три нерешени.

По 17 одиграни меча, Тотенхем е на шестото место со 30 бодови, додека Саутхемптон досега освои 21 бод во 19 средби.

Вест хем не дозволи изненадување и лесно со 4:1 се радуваше на триумф на теренот на Ватфорд. Домаќините први дадоа гол и водеа со голот на Денис само по четири минути игра. Чеканите брзо се вратија од шокот и веќе до 30-тата минута имаа предност од 2:1, а во второто полувреме гостите постигнаа уште два гола.

Кристал палас имаше најлесна задача затоа што на свој терен го пречека „фенерџијата“ Норвич. Домаќините дадоа три гола уште во првото полувреме и потоа рутински ја задржаа предноста за нови три бода.

- Оглас -

Најнови вести