Червар: Не можам да работам дома, па моето знаење и искуство ќе го пренесам во странство на туѓи деца

Лино Червар и официјално во следната сезона ќе биде тренер на Еурофарм Пелистер. Легендарниот хрватски тренер потврди дека доаѓа во Битола и ќе работи со тимот кој во претходните три сезони беше првак на Македонија, но сезонава приматот го предадоа на Вардар.

Червар потпиша двегодишен договор со Еурофарм Пелистер, а наскоро треба да биде и промоцијата. Ова ќе биде вторпат тој да работи во Македонија, откако претходно имаше забележителен престој како предводник на Металург. Дури осум години беше на чело на Металург, период во којшто го предводеше тимот до седум трофеи и два настапи во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Во изјава за хрватските медиуми, Червар најави дека во Хрватска никој не му дал шанса да работи, па затоа мора да дојде во Македонија. Червар има 75 години и во последните пет години нема работено никаде.

„Луѓето од Пелистер имаа голема желба да дојдам. Бидејќи не можам да работам тука, морам да го пренесам моето знаење и искуство во странска земја, на туѓи деца. Имам поинакво мислење, поинаква теорија за обука, но не можев да работам тука“, кусо истакна Червар во изјава за 24сата.хр.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести