Традицијата продолжи, две земји од екс Југославија повторно ќе бидат дел од Светското првенство

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина направи големо изненадување откако ја елиминира фаворизираната Италија и ќе биде дел од Светското првенство кое летово ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Со успехот на БиХ се продолжува една интересна традиција, а тоа е откако се распадна Југославија, на Мундијалите кои потоа се играа да учествуваат по две земји од некогашната земја.

Земјите кои се одвоија од Југославија првпат учествуваа во квалификации за СП 1998 година, а на планетарниот собир во Франција тогаш се пласираа селекциите на Хрватска и на СР Југославија. Следниот мундијалски сон во 2002 година го исполнија Словенците, кои првпат беа дел од завршницата, а таму повторно беше и Хрватска.

На СП во 2006 година, од некогашна Југославија учествуваа Србија и Црна Гора и повторно Хрватска. Во 2010 година Хрватите првпат киксираа и ги нема на завршницата, но таму беа Србија и Словенија.

На Светското првенство во Бразил во 2014 година учествуваа Босна и Херцеговина за првпат, а Хрватска повторно се врати на големата сцена. Во 2018 и 2022 година учесниците од ексју беа истите, а тоа се Србија и Хрватска.

Сега на Мундијалот, кој ова лето ќе се игра во САД, Канада и Мексико, од некогашната држава ќе учествуваат Хрватска и Босна и Херцеговина.

Од земјите кои прозлегоа од некогашна Југославија, остануваат само уште Македонија и Црна Гора да мечтаат да бидат дел од завршица на еден планетарен собир.

- Оглас -

Најнови вести