Единствениот македонски кошаркар кој доби и аплаузи и беше навредуван од поединци во салата во Приштина, Бојан Трајковски, смета дека триумфот над Косово е голем чекор напред, но не треба да се залетуваме дека работата околу пласманот во квалификациите за Евробаскетот 2021 е завршена.
Трајковски со 17 поени беше најефикасен поединец во македонскиот тим, и заедно со Ричард Хендрикс имаа дабл-дабли. Тој истакна дека чекор по чекор, Македонија би требало да го освои првото место во групата и да се најде во европската елита од 32 тима, кои ќе играат квалификации за 24-те места на ЕП 2021. Наредниот меч е задутре во Скопје против Романија.
„Тргнавме од дното. Летово игравме и во Швајцарија, а сакаме да ја вратиме македонската кошарка таму каде што мора да биде. Чекор по чекор, натпревар по натпревар, ќе финишираме како први во групата. Што се однесува до дуелот со Косово, добро почнавме, цврсто, направивме предност, и мислам дека победата ја посакувавме малку повеќе од противникот“ – изјави Трајковски кој е еден од нашите главни адути во нападот.