Трајковски: Имаме квалитет, мора позитивно да размислуваме

Александар Трајковски, кој е втор стрелец во историјата на македонската фудбалска репрезентација, пред натпреварите со Летонија и Фарски Острови, посака секој играч да го даде максимумот од себе.

„Убаво е да се има таква низа победи без примен гол, тоа покажува дека имаме квалитет не само да победуваме, туку и да го одбраниме резултатот. Се надевам дека и во овие два меча ќе го покажеме тоа. Овие два натпревари се можеби и едни од најбитните. Верувам во нашата екипа, секогаш го кажувам тоа, мора позитивно да се размислува и секој играч да дава максимум на секој меч. Квалитетот не е спорен, веруваме во нашиот квалитет и во нашата игра, само тоа треба да го покажеме на терен“, изјави Трајковски.

Искусниот напаѓач верува дека публиката која ќе дојде да ги бодри ќе има причини за задоволство и заеднички да се прослави влезот во поквалитетната Лига Б.

„Секогаш е убаво да се игра на домашен терен, како за нас така и за навивачите кои ќе дојдат да го поддржат тимот на стадион. Последните два меча ги играме на свој терен и мислам дека нема подобра прилика да ги завршиме квалификациите со две победи“, рече фудбалерот на сплитски Хајдук.

- Оглас -

Најнови вести