Македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски, вчера направи свое шоу во победата на Палермо против Фоџа од 2-1. Неговиот тим се најде во негатива по првите 45 минути, а потоа максимално допринесе за комплетен пресврт. Прво во 54-тата минута Трајковски му асистираше на Салви при изведување на слободен удар, а во 62-та минута со гол од повеќе од 20 метри му донесе водство на Палермо, што воедно значеше и победа за гостите.
„Знаевме дека ќе биде тешко да издвоиме триумф. Го поправивме впечатокот од првото полувреме и брзо се вративме во игра. Среќни сме што си заминавме дома со три бода, се надевам ќе продолжиме во исто темпо. Јас само се обидувам да ја оправдам укажаната доверба, Тедино ми дава многу доверба и слобода во играта, а јас сум среќен што можам да помогнам на мојот тим кога е најпотребно“, истакна Трајковски за италијанските медиуми.