Тврдоглавиот направи светски клуб од Валенсија, сега доби отказ што боли

Ектор Купер е еден од најпознатите тренери во модерниот фудбал, имаше големи успеси, особено со Валенсија, но сега на 66-годишна возраст доживеа болен отказ како селектор на репрезентацијата на Демократска Република Конго.

По два порази по ред во квалификациите за настап на Африканскиот куп на нации во 2023 година, Аргентинецот мораше да го напушти кормилото на ДР Конго.

Купер не успеа да ја одведе оваа селекција на Мундијалот во Катар, бидејќи во дополнителните квалификации Мароко беше подобар, а потоа следеа и поразите од Габон со 0:1 и од Судан со 1:2 во новите квалификации за АФКОН 2023 и соработката е прекината.

Ектор го има прекарот „Кабезон“, или Тврдоглавиот, а беше тренер на неколку фудбалски гиганти како Валенсија, Интер, потоа и на Парма, Мајорка, Бетис…, а беше и селектор на Египет со настап на Светското првенство во Русија пред 4 години, потоа и на кормилото на Грузија и Узбекистан.

Особено впечатлив беше успехот со Валенсија, клуб кој играше прекрасен фудбал под команда на Купер во финишот на минатиот век и почетокот на овој милениум и двапати играше во финалето во Лигата на шампионите, но загуби од Реал Мадрид во сезоната 1999/2000 и од Баерн Минхен во следниот циклус 2000/2001.

Во 1999 година беше прогласен за најдобар тренер во шпанската Ла Лига, а следната година УЕФА му го додели признанието за најдобар тренер во Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести