Требаше да бидат најголеми дефанзивни засилувања во Серија А, а никаде ги нема

Холанѓанецот Матајс де Лихт и Уругваецот Диего Годин летоска кога потпишаа за Јувентус, односно Интер, беа најавувани како големи засилувања за одбраните на овие италијански тимови кои се борат за титулата, но во новата година влегуваат како резерви и најголеми утки во преодниот рок.

Ниту едниот, ниту другиот не успеаја да се наметнат кај тренерите. Италијанските медиуми пишуваат и дека станува збор за различни профили на играчи, на различна возраст и различна цена, но во последните три кола не влегоа на терен или беа резервисти.

Годин, кој може да игра и како десен бек, не се снаоѓа во одбраната на Антонио Конте со тројца стопери, па во Интер на последните средби шанса добива младиот Алесандро Бастони, а искусниот Годин (во февруари полни 34 години) игра само кога некоја од другите стартери е повреден или суспендиран. Годин дојде како слободен, а договорот со Интер му е до 2022, па не е исклучено да си оди предвреме.

Де Лихт е млад и важи за најталентиран дефанзивец на светот, блескаше во Ајакс, па и во холандската репрезентација, но во Јувентус грее клупа иако за него беа платени дури 75 милиони евра. Де Лихт во август ќе полни 21 година, има време за него, но прилагодувањето на италијанската лига оди многу бавно. Направи многу грешки, дури и по повредата на Џорџо Кјелини, тој не е стандарден стартер. Дури и еден Мерих Демирал е играч од поголема доверба кај тренерот Сари отколку Де Лихт.

 

- Оглас -

Најнови вести