Тренерот на Абердин е пресреќен: На стари години го најдов најдобриот напаѓач што сум го имал, а тоа е Миовски

Абердин успешно помина во Купот на Шкотска откако без проблеми го елиминираше четвртолигашот Бонириг роуз. Да нема никакви драми и нервози кај навивачите на Абердин се погрижи македонскиот репрезентативен напаѓач Бојан Миовски, кој постигна два гола во првите 25 минути од мечот и потоа фаворитот рутински одработи до крајот.

Тренерот на Абердин, искусниот Нил Ворнок кој неодамна седна на клупата на шкотскиот тим, не престаува со пофални зборови за играта на Македонецот.

„Задоволство е да се работи со него. Тој е еден од ретките модерни напаѓачи кој толку многу работи и тоа го прави со насмевка на лицето. Верувам дека ќе бидиме уште многу од него. Пред мечот му реков: Постигни два гола во првиот дел и ќе те извадам на полувреме, или ако сакаш да бркаш хет-трик ќе играш уште 15 минути во вториот дел. Кога ги даде двата погодоци, си намигнавме“, открива Ворнок.

Статегот кој има 75 години и е еден од најстарите во цела Европа, вели дека во 40-годишната тренерска кариера немал подобар напаѓач од Миовски.

„Низ мојата тренерска кариера секогаш сум се мачел да најдам добар напаѓач. Сум имал одличи голмани, дефанзивци, играчи од средниот ред, но никогаш не сум имал така квалитетен напаѓач. Малку е иронично, но ете на стари години го најдов. Миовски веројатно е најдобриот напаѓач што сум го имал“, додава Ворнок.

- Оглас -

Најнови вести