Тренерот на Јувентус даде објаснување зошто Јувентус загуби на „Сан Сиро“

Милан направи еден од најголемите пресврти во последно време и од негатива од два гола, на крајот стигна до триумф од 4:2 во дербито против Јувентус. Дуелот на „Сан Сиро“ ќе се памти по возбудливото второ полувреме кога беа постигнати сите шест гола.

Јувентус поведе со 2:0, но Росонерите не се предадоа и за шест минути направија комплетен пресврт за 3:2, а до крајот постигнаа уште еден погодок за потврда на победата. Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари немаше логично објаснување за падот во играта на неговиот тим, едноставно вели дека им се „стемнило“ на неговите играчи на теренот.

„Мислам дека во првите 60 минути покажавме дека сме тим од светска класа. Имавме целосна контрола на мечот, но потоа се случи помрачување. Нема корист од многу зборување и размислување за овој меч затоа што за три дена ни следува нов важен дуел. Едноставно, имавме „целосно помрачување“ 15-тина минути и тоа се случува во фудбалот. Најчесто може да се пронајдат причините, но ова што го направивме е необјасниво“, вели Сари.

Доколку ги освоеше трите бода, Јувентус ќе „избегаше“ на двоцифрена предност пред сите ривали во трката за титулата затоа што и Лацио загуби на гостувањето кај Лече. Во следното коло Јувентус на свој терен игра уште еден дерби-меч, и тоа против Аталанта.

 

- Оглас -

Најнови вести