Треневски: Елмас е мешавина од Савичевиќ, Хамшик и Сон

Виктор Треневски, поранешниот тренер на Работнички, е човекот кој му даде прилика на тогаш 17-годишниот Елиф Елмас да заигра во ПМФЛ и да го почувствува сениорскиот фудбал.

Треневски за италијанските медиуми зборуваше околу искуството да се работи со македонскиот дијамант, кој постепено прераснува во голема ѕвезда во дресот на Наполи.

„Првпат кога го видов Елиф, веднаш помислив дека ќе биде класа играч од типот на Панчев и Пандев, го кажав тоа уште пред пет години. Тој беше причината што ја прифатив работата во Работнички. Кога го лансирав во фудбалот, тоа беше отскочна штица за него, но и за мене. Не знам како се однесува сега во Наполи, но знам дека кога соработувавме, Елмас го даваше максимумот на тренинзите. Да побараш од него петпати да тренира во еден ден, ќе го стори тоа. Момчето има многу решителен карактерн, а истовремено е приврзан со семејството и има големо образование“, почна Треневски, а потоа додаде:

„Елмас поседува одлична техника и е разновиден играч. Треба да поработи на завршницата и некои фундамети во последните неколку метри. Тоа зависи од тренерот на која позиција го става. Елиф има способност да игра на повеќе позиции. Јас го гледам како игра поблиску до голот и кога има специфична задача на теренот. Една од неговите најдобри карактеристики е да ја извршува секоја задача која му е дадена“, вели Треневски.

За крај, експредводникот на Романтичарите одговори на прашањето што значи Елмас за македонскиот фудбал, а истакна и на кои светски фудбалери го потсетува со неговите карактеристики.

„Елмас ја претставува иднината на македонскиот фудбал, тој е играч со карактер и скромност. Во мојата земја моментално целата репрезентација добива пофалби за пласманот на Европското првенство, за кое и Елиф придонесе. Секогаш сум верувал во него и сигурен сум дека ќе „експлодира“ на Европското. Кога го гледам, ме потсетува на играчи како Савичевиќ, Хамшик, Сон, а Елмас е мешавина од сите тројца“, заврши Треневски.

- Оглас -

Најнови вести