Три пати шутираа еден ист пенал, голманот доби и црвен картон, ама мрежата не се затресе (Видео)

Дуелот меѓу Петролул и Рапид Букурешт од втората романска лига привлече внимание не поради квалитетот на двата тима, туку поради неверојатната ситуација во второто полувреме. Ова е меч на две екипи кои се во плејофот за влез во елитното романско фудбалско друштво, а вчерашниот меч заврши без погодоци.

Домаќините се тие кои треба да жалат затоа што три пати шутираа пенал, но не погодија. Уште од 28 минута, Рапид остана со играч помалку, а во 65 минута беше досуден пенал за Петролул и тогаш започна драмата. Домаќините дури три пати имаа можност да шутираат за реализација на овој пенал, но во сите три случаи беа непрецизни.

Најпрво голманот на Рапид го одбрани ударот на домашниот играч, но помошниот судија сигнализираше дека чуварот на мрежата не бил на гол линијата и дека мора да се повтори ударот. Поради протести голманот Попа доби жолт картон. При вториот обид да се шутира пеналот, ситуацијата беше иста. Голманот одбрани, но судијата повторно покажа дека имало неправилно излегување надвор од гол-линијата.

Попа доби втор жолт картон и автоматски беше исклучен, а на голот застана резервниот чувар на мрежата на Рапид. Пеналот по трет пат се шутираше, а овојпат ударот од белата точка заврши високо над голот за голема радост на гостите. Петролул имаше три шанси да даде гол и сите три ги промаши, па едноставно домаќините не заслужија да победат.

https://youtu.be/-3adcr5-LQA

 

- Оглас -

Најнови вести