Спортинг Лисабон направи херојски подвиг откако на свој терен по 120 минути игра со 5:0 го победи Бодо/Глимт. Португалскиот гигант доминираше на теренот, но беше под притисок дека мора да победи барем со три разлика за да ја анулира негативата на Бодо/Глимт од првиот меч. Норвежаните пред седум дена победија со 3:0 на свој терен, но едноставно попуштија пред притисокот на Спортинг во реваншот.
По 90 минути игра, Спортинг стигна до посакуваните 3:0, што значеше дека вкупниот резултат е 3:3 по 180 минути игра и мораа да се играат продолженија. Во дополнителните 30 минути, Спортинг продолжи да го „гази“ противникот и на крајот стигна до убедлива победа од 5:0.
„Постигнавме нешто историско. Игравме како што се договоривме. Имавме правилен интензитет и енергија, нешто што ни недостасуваше на првата средба. Од првата минута верувавме дека можеме да ја анулираме негативата, иако Бодо имаше пет победи по ред во Лигата на шампионите. И тренерот постојано ни повторуваше дека можеме да одиме во четвртфиналето. На крајот покажавме дека сме способни за такво нешто“, задоволно коментираше еден од најдобрите играчи на Спортинг, Тринкао.
Низ историјата на Лигата на шампионите, само четири тима претходно успеале да анулираат три или повеќе голови негатива од првата средба. Барселона со 6:1 го победи ПСЖ откако со 4:0 загуби на првиот меч, Депортиво Ла Коруња со 4:0 славеше над Милан откако на првиот дуел загуби со 4:1, Рома со 3:0 ја победи Барселона откако Каталонците со 4:1 славеа на првиот дуел и Ливерпул со 4:0 беше подобар од Барселона откако англискиот тим на првиот меч загуби со 3:0. Сега во ова друштво на Барселона, Депортиво Ла Коруња, Рома и Ливерпул се приклучува и Спортинг Лисабон.

