Трипиер призна дека уште на 1 јуни се заљубил во „Ванда“

Киран Трипиер е првиот Англичанец по пауза од 80 години кој ќе игра во Атлетико Мадрид, а Трипиер на 1 јуни во финалето на Лигата на шампионите веќе имаше можност да настапи на стадионот кој во наредниот период ќе му биде домашен терен.

Трипиер дојде од Тотенхем и веќе тренира со Јорганџиите, а беше претставен на „Ванда Метрополитано“ заедно со Марио Ермосо, кој потпиша денеска. Ермосо во минатата сезона играше за Еспањол како позајмен од Реал, па Кралевите ќе добијат половина од сумата од обесштетувањето.

Англискиот десен бек во Атлетико ќе го носи дресот со бројот 23.

„Добро сум примен во клубот, би сакал да му се заблагодарам на претседателот што ме донесе во ваков клуб. Ќе ми биде задоволство да работам со тренерот Симеоне, тој за мене е еден од најдобрите стручњаци на светот, знам дека извлекува максимум од секого. Премиер лигата е една од најдобрите на светот, но кога добив понуда од Атлетико, воопшто не размислував и веднаш прифатив да дојдам. Елитен тим со елитен тренер, немало многу Англичани кои играле тука, ова го сфаќам како огромен предизвик. Стадионот е прекрасен, првпат кога дојдов, останав без зборови. Сакам да научам шпански јазик и да уживам во играњето за Атлетико и живеењето во Мадрид“, изјави Трипиер кому заедничко со Јорганџиите му е што иако играа финалиња и беа блиску, не успеаја да го освојат трофејот во ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести