Триумфален крај на 2018 за „црвено-црните“

Вардар славеше на гостувањето кај Стеауа со 34:30 и на триумфален начин заврши со настапи во 2018 година. Немаше никаква неизвесност, разликата во квалитет беше голема, па Вардар дојде до 11-тата победа во 13-тиот настап сезонава во СЕХА-лигата и новата година ја пречекува како лидер на табелата.

Во македонскиот тим ги немаше Борозан, Мораеш, Дибиров, Шишкарев и Криштопанс, но и оние кои се појавија на теренот, беа доволни за лесна победа. По првите 30 минути, Вардар водеше со 21-10 и ги реши сите дилеми. Потоа гостите премногу се релаксираа и му дозволија на дебитантот во регионалната лига да го ублажи поразот.

Романскиот вицешампион беше немоќен во првото полувреме, домашните беа заморени, ова им беше осми меч во 17 дена.

Мартин Поповски со 10 гола беше прв стрелец во тимот на тренерот Роберто Парондо, Дмитриј Кисељев даде девет гола, а Игор Карачиќ застана на четири погодоци. Во листата на стрелците не се запишаа само Стоилов и Скубе, како и голманите Милосављев и Кизиќ, кои имаа седум одбрани.

Вториот македонски тим во Лигата, Металург, утре гостува кај Извиѓач, со што ќе се затвори натпреварувачката 2018 во СЕХА.

- Оглас -

Најнови вести