Трогателна е приказната за тоа како Вајлдер станал боксер

Боксерскиот свет е во исчекување на спектаклот кој во недела рано наутро треба да се случи во Лос Анџелес. Донте Вајлдер и Тајсон Фјури ќе ги вкрстат ракавиците во борба за ВБЦ титулата. Вајлдер ја има улогата на фаворит. Тоа е боксер кој изгледа како вистински ѕвер. Немилосрден е кон противниците, а тоа го покажува и фактот дека има 39 нокаути од 40 борби. Сепак, неверојатна е причината поради која Вајлдер станал боксер, иако тоа првично не била негова цел.

Главна причина поради која Вајлдер станал боксер е неговата 13-годишна ќерка, Наеја. Токму таа е и главниот извор на сила за боксерот. Уште пред раѓањето на девојчето, било констатирано дека таа боледува од Spina bifida occulta, болест која предизвикува оштетување на рбетните пршлени и нивно нецелосно затворање. Ова пореметување го има кај едно дете во 2.000 случаи. Тогаш докторите прогнозирале дека бебето најверојатно никогаш нема да може да оди.

Вајлдер имал 19 години кога неговата девојка Џесика затруднела. Студирал на факултет и тренирал кошарка. Сепак, по веста дека ќе стане татко, морал да се откаже од факултетот и почнал да од три работни места, за да може да собере доволно пари. Откако видел дека така нема да може да го издржи семејството, решил да влезе во рингот.

„Бев студент и играв кошарка. Поради мојата ќерка станав боксер и повторно би го направил истото за нејзе. Подготвен бев да направам се за моето дете. Ѝ ветив дека еден ден ќе станам светски првак и ќе се обидам да го исполнам тоа ветување. Таа е мојата инспирација. Горд сум на нејзе.“, вели Вајлдер.

Неговата ќерка се покажала како вистински борец, иста како татко ѝ. И покрај црните прогнози на лекарите, девојчето почнало сама да се движи.

„Целата е како мене. Од мене ги има наследено силата, размислувањето и способноста никогаш да не се откажува. Докторите рекоа дека никогаш нема да може да оди, а таа сепак самата оди. Неверојатна е. Таа ми дава сила, поради нејзе сакам да продолжам да боксувам и да бидам посилен“, додава Вајлдер, кој во текот на својата кариера досега има заработено 12,3 милиони фунти.

Вајлдер е татко на пет деца, а неодамна за жена ја побара својата девојка Тел Свифт. Следниот голем предизвик за Вајлдер е да го победи Тајсон Фјури во мечот кој е закажан за в недела рано наутро во 3 часот.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести