Цели 25 години е дел од ист клуб, даваше голови од центар, а сега ќе се обиде да погоди и Хуманитарен тикет (Фото+Видео)

Во време кога фудбалерите и тренерите менуваат клубови како на филмска лента, вистинска реткост е некој да биде лојален на ист клуб повеќе од 25 години како фудбалер, капитен и тренер. Таков е примерот со Дејан Савески, кој од 2000 година е дел од најстариот македонски фудбалски клуб – Љуботен од Тетово.

Деко, како што го знаат сите во Тетово, во 2000 година се сели од младинскиот погон на Тетекс во првата екипа на Љуботен, клубот за кој навива уште како дете, а таму останува се до ден денешен. Вистинска жива легенда на најстариот фудбалски клуб во Македонија, како играч, долгогодишен капитен, а последните неколку сезони и како трнер на Љуботен.

„Да се помине целата сениорска кариера во еден клуб и тоа повеќе од 20 години а потоа да се продолжи и во тренерска улога во истиот тој клуб, денес е вистинска реткост. Во време кога фудбалот сè повеќе се движи низ призмата на материјалната добивка, а лојалноста често има краток рок, ваквиот пат носи посебна тежина. Тој е истовремено гордост, предизвик, но и голема одговорност. Во денешниот фудбал, каде се е низ призма на материјална добивка, лојалноста за жал често е краткорочна работа, но да одговорам на прашањето дали тоа ме прави легенда на клубот? Одговорот, барем однадвор гледано, е да, но вистинската тежина на тој статус не доаѓа само од времетраењето, туку и од влијанието во соблекувалната, на теренот , односот со навивачите , како и пристапот во општеството. Легендите не се само статистика, туку симбол на долг процес на континуитет и идентитет. Најголемото лично задоволство за мене, беше периодот кога како капитен го претставував ФК Љуботен , токму во годината кога клубот го одбележуваше својот јубилеј 100 години постоење. Тоа не беше само спортска улога, туку чест и одговорност да се биде дел од историјата на најстариот клуб.“ – вели Савески.

Савески како фудбалер настапуваше на позицијата централен дефанзивец и важеше за бескомпромисен борец на зелените терени, а негова специјалност беа ударите од далечина. Дел од головите кои ги постигна, некои и од центарот на теренот, станаа вирални на социјалните мрежи.

Сепак, Љуботен последните сезони е третолигаш и е далеку од славата која ја имаше во поранешна Југославија, но и во 90-тите години на минатиот век. Причини има многу, секако на првото место проблем се финансиите, но тука е и инфраструктурата.

„Кога станува збор за моменталната состојба во ФК Љуботен, реалноста е комплексна. Клубот, како и многу други во Македонија, се соочува со структурни предизвици финансии, инфраструктура, младински развој. Но, токму ваквите клубови имаат нешто што не се купува: историја и публика што останува. Надежта за враќање на „златните времиња“ не е невозможна, но бара системска работа стабилно раководство, вложување во младински категории и јасна спортска визија. Враќањето не е прашање на носталгија, туку на стратегија.“ – вели тренерот на најстариот македонски фудбалски клуб.

На фудбалски план во Македонија деновиве најактуелна е репрезентацијата и баражот за пласман на Светското првенство против Данска. Новиот селектор, Гоце Седлоски, го објави списокот со повикани фудбалери, на кој има неколку новитети, а Савески вели – Одиме на победа!

„На репрезентативен план, вниманието сега се насочува кон баражот со Данска , кој е сериозен тест за селекцијата. Со доаѓањето на Гоце Седлоски како нов селектор, очекувањата се мешавина од оптимизам и претпазливост. Седлоски носи дисциплина и јасен фудбалски идентитет, но времето секогаш е клучен фактор, со ова сакам да нагласам дека немавме доволно време за адаптација и воигрување на новите аквизиции. Баражот против силна селекција како Данска ќе покаже колку брзо тимот може да се адаптира на неговите идеи. Генерално, очекувањата се реални: стабилизација на играта, подобра организација и постепено градење конкурентност. Резултатите можеби нема да дојдат веднаш, но ако се постават темелите правилно, Македонија може да изгради поконзистентен и поконкурентен тим за иднината. Одиме на победа!“ – вели Савески на крајот од нашиот разговор.

Во продолжение Хуманитарниот тикет уплатен во Sport life, кој ако биде добитен – средствата ќе се донираат во хуманитарни цели.

- Оглас -

Најнови вести