Циципас му порача на Ѓоковиќ: Ти си најголемиот на сите времиња

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас, загуби во своето второ грен-слем финале, тој денеска беше поразен од Новак Ѓоковиќ во Мелбурн во три сета (6:3,7:6,7:6) во мечот за титулата на Отвореното првенство на Австралија.

И во првото грен-слем финале, Циципас беше поразен од Ѓоковиќ (Ролан Гарос 2021 година).

По денешниот пораз, Циципас оцени дека Новак Ѓоковиќ е „најголемиот тенисер што некогаш држел рекет во рака“.

„Новак, не знам што да ти кажам, делата кажуваат се, што правиш за нашиот спорт, што имаш постигнато досега. Секоја чест. Ти се восхитувам за се што направи за тенисот и што ме правиш подобар кога сум со тебе на теренот“, рече Циципас.

Гркот истакна дека Ѓоковиќ секогаш ги тера неговите противници да го дадат најдоброто од себе.

„Имав привилегија да одиграм многу натпревари со висок интензитет, Ѓоковиќ го вади најдоброто од мене. Тој е еден од најголемите во нашиот спорт. Всушност, тој е најголемиот во историјата што некогаш држел рекет“, смета Циципас.

- Оглас -

Најнови вести