Цонга не можеше со Ѓоковиќ и на 11-годишнината од легендарното финале

Новак Ѓоковиќ со 6-3, 7-5, 6-4 во второто коло на Отвореното првенство на Австралија го совлада стариот познаник Жо-Вилфред Цонга, со кого играа финале на овој турнир во Мелбурн пред 11 години. Тоа беше прва Гренд слем титула за Србинот во кариерата, а со Цонга, со кого играл 23 пати, сега повеќе од две години немаа играно меѓусебе.

Првиот сет заврши по половина час игра, а и двајцата освојуваа гејмови на противнички сервис, но Цонга само на моменти потсети на своите најдобри денови. Во првиот сет, Ѓоковиќ падна незгодно и се најде на земја, но, за негова среќа, без последици.

Вториот сет беше најдраматичен. Тенисерите и во тој сет направија неколку брејка, но Цонга иако по 3-5, дојде до 5-5, немаше сили во финишот, па Ноле се издигна над кризата и ги зеде последните два гејма.

Клучни беа петтиот и шестиот гејм во третиот сет, кога Ѓоковиќ по нерешените 2-2, поведе со 4-2. Се чини дека тогаш Цонга се предаде. Следен ривал на првиот носител е Денис Шаповалов, против кого нема играно во кариерата.

Александр Зверев се намачи со Жереми Шарди. Германецот водеше со 2-0 во сетови, но Шарди ги освои наредните два. Во петтиот сет, Зверев се разбуди, беше убедлив и славеше со 6-1.

Во женското дерби кое предизвика најголемо внимание, Серена Вилијамс ја надигра 79-тата на ВТА-листата, Еужени Бушар со 6-2, 6-2. Американката доминираше во секој поглед и не ѝ даде шанса на убавата Канаѓанка. Мечот траеше само 71 минута.

- Оглас -

Најнови вести