Црвен картон за голманот Димитриевски, гостите веднаш нѐ казнија и поведоа со 1:0

Првиот голман на македонската репрезентација Столе Димитриевски втор меч по ред нема шанса да одигра 90 минути. Откако на гостувањето во Талин на денот на мечот беше објавено дека има корона-вирус, воопшто не беше во составот. Подоцна, на вториот тест Димитриевски беше негативен, а тоа значеше дека ќе може да брани вечерва против Грузија.

Сепак, Димитриевски и овојпат не успеа да издржи 90 минути на терен. Во 67-мата минута истрча од шеснаесетникот и на околу 30 метри од голот играше со рака. Веднаш реагираа гостинските играчи, а судијата Карен Налбандијан му покажа црвен картон.

Потоа главниот арбитер се консултираше и со помошникот, по што доби потврда дека Димитриевски мора да ја напушти играта. Од оваа ситуација „настрада“ Илија Несторовски, кој мораше да биде заменет за да му отстапи место на голманот Дамјан Шишковски.

Само неколку минути подоцна, Грузија со голот на резервистот Квича Кварашелија поведе со 1:0. До крајот на мечот има уште 15-тина минути.

- Оглас -

Најнови вести