Црвена ѕвезда бара промена на правилата во АБА, го оспорува влезот на МЗТ во јадранското друштво

Кошаркарскиот клуб Црвена ѕвезда од Белград бара од раководството на АБА-лигата да ја разјасни ситуацијата околу бројот на клубови од една земја кои може да играат во главната АБА-лига во следната сезона и итно откажување на баражот помеѓу Борац Чачак и Златибор.

Според правилата на регионалната лига, во АБА не може да играат повеќе од пет тима од иста земја, па затоа и МЗТ Скопје Аеродром влезе во Лигата иако не ја освои АБА 2 лигата. Титулата во АБА 2 му припадна на српскиот Златибор и тоа требаше да значи влез во АБА 1, но бидејќи Србија веќе има пет тима, Златибор треба да игра бараж со најслабиот српски претставник во јадранската лига, Борац.

Но, Борац не е најслаба екипа во АБА и Србите сметаат дека не е фер да го загуби местото во елитата ако загуби од Златибор. Од Ѕвезда бараат или лигата да има 14 тима и максимум шест тима од една земја или да нема национален клуч и ограничување на бројот на клубови од една држава.

„Бројот на клубови е дефиниран со договор и пропозициите, но за актуелната 2021/2022. Затоа прашуваме зошто два српски клуба треба да играат бараж кога пропозициите за следната сезона не се донесени. Лигата треба да најде итно решение до 30 април бидејќи се заканува опасност да имаме нерегуларна сезона 2022/2023“, велат од Ѕвезда.

- Оглас -

Најнови вести