Хрватскиот стратег Игор Тудор го освои првиот бод на клупата на Тотенхем. На „Енфилд“ неговиот тим одигра 1-1 со Ливерпул, а од пораз го спаси Ришарлисон во 90-тата минута.
Домаќините водеа од 18-та минута со голот на Доминик Собослаи, но гостите се вратија во самиот финиш и освоија важен бод. Со тоа ја прекинаа низата од седум порази во сите натпреварувања.
Тудор за „Скај Спортс“ изјави дека бодот е целосно заслужен.
„Да. Ова е неверојатен, фантастичен бод, потполно заслужен. Прикажавме одличен тимски дух. Честитки до момците. Ситуацијата беше многу тешка. На тренинг се подготвувавме на еден начин, а утринава ни беше соопштено дека Конор Галагер не може да игра, па моравме да менуваме играчи и позиции. Моментот беше чуден, но тоа беше уште еден предизвик за да покажеме кои сме. Играчите беа навистина неверојатни“, изјави Тудор.
Тој коментираше и околу својата позиција и иднината во клубот.
„Во секој клуб во светот е исто како во Тотенхем кога нема добри резултати. Смената на тренер дава надеж, но проблемот останува. Тренерот мора да го реши проблемот. Новинарите сакаат да поставуваат вакви прашања, но тоа нема смисла. Тренерите се принудени да одговараат, инаку би останале дома. Вие постојано инсистирате на истите прашања“, одговори Хрватот.

