Тухел почна скромно, зарибана е машинеријата на Челзи

Томас Тухел имаше скромно деби на клупата на Челзи, со реми без голови против Вулверхемптон, што уште повеќе го оддалечи клубот од Лондон од планот да се нападне титулата во Англија.

Германецот немаше многу време за да се запознае со состојбите во клубот, но првичниот впечаток е дека немаше решенија како да го одведе Челзи до победа против Волците.

Челзи има 30 бода по 20 одиграни натпревари и е на делба на осмото место со Арсенал, а Вулверхемптон со освоениот бод го дели тринасеттото место со 23 бода, колку што има и Кристал палас.

За разлика од тој меч, многу драма и пет гола со пресврти и одличен фудбал имаше на дуелот меѓу Барнли и Астон вила. Домаќините победија со 3:2, иако двапати губеа, со 0:1 и 1:2.

Ме, Мекнил и Вуд беа стрелци за Барнли, а Вила иако водеше со головите на Воткинс и на Грилиш, загуби на „Трф Мур“.

Барнли во минатото коло го изненади Ливерпул со триумф од 1:0 на „Енфилд роуд“ и со две победи по ред има 22 бода на девет над опасната зона за испаѓање.

Астон вила е на десеттото место со 29 бода.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести