Тврдината „Енфилд“ се урна како кула од карти, Црвените израмнија негативен рекорд стар 98 години

Ливерпул го загуби и четвртиот последователен лигашки натпревар на домашен терен, овојпат градскиот ривал Евертон фрли сол на раната и ја продолжи кризата на актуелниот англиски првак.

Карамелите првпат од септември 1999 година се израдуваа на победа на „Енфилд“, која вечерва ја донесоа Ричарлисон и Сигурдсон. Со овој пораз Ливерпул израмни сопствен негативен рекорд стар 98 години, односно првпат од 1923 година Црвените четирипати во низа загубија на домашен терен во првенствени рамки.

Пред Евертон, на „Енфилд“ со три освоени бода си заминаа Барнли, Брајтон и Манчестер сити, додека Ливерпул од 16 декемри нема остварено триумф на домашен терен, бидејќи пред поразите ремизираше на двапати против Манчестер јунајтед и ВБА.

Неверојатно лош период за Ливерпул, ако се знае дека пред првиот пораз од оваа низа, избраниците на Клоп беа непоразени во 69 последователни лигашки натпревари на домашен терен.

Тимот на Клоп постави уште еден негативен рекорд кој досега беше во сопственост токму на Евертон од сезоната 1928/29. Ливерпул е само втора екипа која како актуелен шампион загуби четири домашни натпревари во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести