Уапсен близок пријател на ѕвездата на Јувентус поради неговото киднапирање

Адама Камара, блискиот пријател на Пол Погба, фудбалерот на Јувентус, вчера во Париз бил приведен, а потоа обвинет и притворен, објави „Франс прес“.

Оваа вест ја потврди и француското обвинителство, кое објави дека во неделата било уапсено лице за кое уште минатото лето истражен судија издал налог за апсење. Тој бил уапсен веднаш по слетувањето на париски аеродром по враќањето од Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Камара е обвинет за „изнуда во организирана банда“ и од вчера е сместен во истражен затвор. Адвокатката на Камара за новинаската агенција АФП рече дека нејзиниот клиент ги отфрла сите обвиненија.

Досега шест лица, меѓу кои е и братот на Пол, Матијас Погба, се обвинети во случајот изнуда, но најмалку три лица веќе се пуштени да се бранат на слобода.

Случајот започна со тужбата која на 16 јули минатата година во Торино ја поднесе Пол Погба, во која наведе дека од март до јули истата година имало обиди да му се изнудат дури 13 милиони евра.

Париското обвинителство започна истрага на 2 септември поради „изнуда со огнено оружје, киднапирање или киднапирање во организирана група, како и учество во злосторничко здружување“ и притоа го уапси Матијас Погба, за кого се сомневаше дека е дел од бандата која се обиде да изнуди пари од фудбалерот.

Пол Погба на француските обвинители им рекол дека бил заробен од пријатели од детството кои го обвиниле дека не им помагал финансиски откако станал познат. Тие од него барале 13 милиони евра, а фудбалерот на Јувентус признал дека им платил 100.000 евра.

- Оглас -

Најнови вести