Американскиот атлетичар и поранешен светски шампион на 100 метри, Фред Керли, е уапсен воочи атлетскиот митинг во Мајами поради физички напад врз поранешната девојка, пренесуваат американските медиуми.
Инцидентот се случил во официјалниот хотел на натпреварувањето, каде што Керли, наводно, со тупаница ја удрил во глава Алиша Џонсон, американска олимпијка која се натпреварува на 100 метри со пречки. Сведоци го потврдиле инцидентот, а полицијата во округот Брауард го потврди апсењето и отвори истрага.
Организаторите на митингот објавија кратко соопштение.
„Керли беше уапсен синоќа. Истрагата е во тек и сите прашања треба да се упатат до канцеларијата на шерифот во Брауард Каунти. Фред нема да настапи овој викенд и немаме понатамошни коментари.“
Фред Керли е еден од најуспешните спринтери на последната деценија – беше светски шампион во Јуџин во 2022 година, освои сребро на Олимписките игри во Токио 2021 и бронза во Париз 2024. Во Мајами требаше да настапи и на 100 метри и на 200 метри.
Случајот предизвика шок и голем интерес во спортската јавност, а исходот на истрагата ќе биде клучен за понатамошната кариера на американскиот атлетичар.