Удинезе бара замена за Ласања, а тоа значи поголема конкуренција за Нестор

Удинезе се активира на трансфер-пазарот во последните денови со цел да ангажира замена за напаѓачот Кевин Ласања, кој е на прагот да потпише за Верона. Наместо еден голгетер, Зебрите треба да ги комплетираат ангажманите на двајца напаѓачи, а тоа се Фернандо Љоренте од Наполи и Патрик Кутроне од Вулверхемптон.

Љоренте оваа сезона потполно е заборавен од страна на Џенаро Гатузо, па на шест месеци од истекот на договорот со Наполитанците, тој ќе замине во Удинезе како позајмен играч. Што се однесува за Кутроне, тој не се снајде во Фиорентина, позајмицата му беше прекината, но сега повторно ќе биде позајмен на калчолигаш и ќе игра на „Дачија арената“ до крајот на оваа сезона.

Доведувањето на двајцата нови напаѓачи ќе значи и зголемена конкуренција за македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, кој и досега е втора опција на тренерот Лука Готи. Нестор сезонава запиша вкупно 12 настапи за Зебрите, главно влегувајќи од клупа, во кои постигна само еден гол против Торино, а бележи и една асистенција против Јувентус.

- Оглас -

Најнови вести