Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, доби забрана за настап во европските купови за сезоните 2019/2020 и 2020/2021. Причината е неисполнети финансиски обврски кои требало да се подмират до 30 септември.
Неисполнувањето на барањата на клубовите дефинирани со УЕФА правата за лиценци и финансискиот фер-плеј, може многу скапо да го чинат Вардар.
Плус тоа, Вардар ќе треба да плати и 100 илјади евра. УЕФА иста ваква казна му изрече и на Левски, а Спортинг Лисабон мина само со парична казна од 50.000 евра, бидејќи доцнел со исплатата.
Вардар има рок до 31 јануари 2019 година да ги подмири сите заостанати долгови, а доколку тоа не се случи ќе биде суспендиран од учество во европските купови до пролетта 2021.
Клубот најави дека на 15 јануари ќе почне со подготовки во Аланија во Турција, но сега ќе имаат поголем проблем кој мора да го решат, за да не се случи да останат две сезони без Европа.