УЕФА прави промени на системот во Лигата на нации и во квалификациите за Европското првенство

УЕФА од сезоната 2028/29 ќе воведе нов систем на натпреварување во Лигата на нациите, како и промени во квалификациите за Европско првенство.

Новите формати денеска беа официјално потврдени од Европската куќа на фудбалот, а системот ќе биде сличен на актуелниот модел што се користи во клупските натпреварувања на УЕФА.

Наместо досегашните четири лиги со групи од по четири репрезентации, од сезоната 2028/29 ќе постојат три лиги со по 18 селекции. Секоја лига ќе биде поделена во три групи со по шест репрезентации, а секоја селекција ќе одигра пет натпревари против пет различни противници.

Поради тоа што во Лигата на нациите настапуваат вкупно 55 репрезентации, во Лигата Ц ќе има една група со седум селекции, што значи дека натпреварувањето во таа група ќе започне порано.

Завршниот дел од турнирот нема да претрпи промени — „фајнал-фор“ турнирот останува, како и баражите за промоција и испаѓање меѓу лигите.

Промени ќе има и во квалификациите за Европското првенство. Новиот систем ќе биде поделен на две нивоа: Лига 1, составена од 36 репрезентации од Лига А и Б во Лигата на нациите, и Лига 2, во која ќе бидат останатите 18 или 19 селекции.

Во Лига 1 ќе има три групи со по 12 репрезентации. Секоја селекција ќе одигра шест натпревари — дома или на гости — против шест различни противници, по две селекции од секоја група, по модел сличен на клупските натпреварувања на УЕФА.

Лига 2 ќе се игра според истиот принцип како сегашната Лига Ц во Лигата на нациите.

Иако домаќините на Европското првенство ќе имаат директен пласман на завршниот турнир, тие сепак ќе учествуваат во квалификациите со цел да се одреди нивниот пласман за следното издание на Лигата на нациите.

Најдобропласираните репрезентации од секоја група во Лига 1 директно ќе обезбедат место на Европското првенство, додека останатите места ќе се пополнуваат преку бараж-систем, што треба да обезбеди рамноправна можност и за селекциите од Лига 2.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, истакна дека новиот формат ќе донесе поголем баланс и поконкурентни натпревари.

„Новите формати ќе ја подобрат рамнотежата во натпреварувањето, ќе го намалат бројот на нерешени натпревари и ќе понудат поатрактивен и подинамичен фудбал за навивачите, без дополнителни термини во меѓународниот календар“, изјави Чеферин.

- Оглас -

Најнови вести