Украинскиот претседател најавува ОИ кај нив во 2028, а домаќинот за таа година веќе е познат
Недоразбирање, незнаење или нешто трето?

Украина има намера да поднесе апликација за да биде домаќин на Олимписки игри во 2028 или 2030 година, објавија на вебсајтот на претседателот Владимир Зеленски, но проблемот е што организаторот за Летните олимписки игри во 2028 веќе е познат, и тоа е Лос Анџелес.
На првиот човек на украинскиот олимписки комитет, Сергеј Бубка, му е дадена дозвола да почне да лобира. Предводникот на ИОК, Томас Бах, е поканет да дојде во Украина, и во таа прилика ќе му се покажат можностите на Украина да биде домаќин на најголемиот спортски настан.
Сепак, останува прашањето како заборавија дека терминот за ЛОИ во 2028 година е зафатен. Во септември 2017 година, Лос Анџелес беше избран за организатор. Ова значи дека евентуална шанса за Украина е 2030, кога треба да има Зимски олимписки игри.