Уште еден талент oд Островот се сели во Бундеслигата

Џејдон Санчо се покажа како полн погодок за Борусија Дортмунд, Рис Нелсон како позајмен играч игра одлично за Хофенхајм, а сега нов талент од Островот ќе се пресели во Бундеслигата. Станува збор за Раби Матондо, фудбалер од академијата на Манчестер сити, за кого Шалке ќе исплати 13 милиони евра.

Матондо е роден во Ливерпул, но е велшки репрезентативец, а неговиот прогрес будно го следеа неколку германски екипи како Лајпциг, Менхенгладбах и Хофенхајм, но екипата од Гелзенкирхен ја доби битката за неговиот потпис. По Санчо, овој талентиран крилен офанзивец е следниот кој ја напушта академијата на Сити и се сели во Бундеслигата, додека „граѓаните“ во зимскиот преоден рок продадоа уште еден младинец, Брахим Дијас се пресели во Реал Мадрид за околу 22 милиони евра.

Матондо иако има 18 години, тој веќе дебитираше за сениорската репрезентација на Велс, откако Рајан Гигс му даде шанса против Албанија во пријателскиот натпревар во ноември минатата година. За Сити не запиша ниту еден настап во првиот тим, па може да се каже дека завршија голема работа продавајќи играч кој допрва треба да се докажува меѓу „големите“.

- Оглас -

Најнови вести