Валверде потврди: Преговараме со Гриезман

Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, ги потврди шпекулациите дека клубот преговара со ѕвездата на Атлетико Мадрид, Антоан Гриезман, околу преселба на „Камп ноу“ во претстојниот летен преоден рок. Шпанскиот првак веќе извесно време се интересира за најдобриот Јорганџија, а по сите изгледи, трансферот вреден 125 милиони евра (колку што изнесува клаузулата на Гриезман) ќе се случи по финалето во Купот на Кралот, каде што Барселона против Валенсија ќе го брани пехарот.

„Точно е дека преговорите со Гриезман моментално се одвиваат. Сепак, за нас сезоната не е завршена и во прв фокус ни е финалето во Купот на Кралот. Прво треба да ја освоиме двојната круна, а потоа ќе имаме доволно време да ја реализираме нашата следна цел. Не би сакал повеќе да зборувам за играч на друг клуб“, истакна Валверде на вчерашната прес-конференција по ремито со Еибар.

Барселона и минатиот летен преоден рок се обидуваше да ги добие услугите на Гриезман, но тој тогаш одлучи да остане уште една сезона во Мадрид. Иако Барселона има конкуренција за неговиот потпис од Баерн Минхен, ПСЖ, Ливерпул, како и двата клуба од Манчестер, Каталонците имаат предност бидејќи самиот Французин има желба да заигра на „Камп ноу“.

Финалето во Купот е закажано за 26 мај, а Барселона ќе се соочи со Валенсија на стадионот „Бенито Вилјамарин“ во Севилја.

- Оглас -

Најнови вести