Ван Дајк не се сили како Смолинг: Не знам како ќе го сопрам Меси

Барселона против Ливерпул е полуфиналето кое ќе биде како финале пред финалето во Лигата на шампионите за оваа сезона. Двата европски гиганти во двомеч ќе решат кој ќе обезбеди место на завршниот меч кој на 1 јуни ќе се игра во Мадрид.

Ливерпул важи за тим кој има одлична одбрана, а Вирџил ван Дајк е најскапиот дефанзивец во светот. Токму тој ќе треба да биде главниот што ќе се обиде да ги сопре налетите на Барселона, Лионел Меси. На Аргентинецот одлично му оди во дуелите со англиските екипи, а тоа го докажа и со двата гола против Манчестер јунајтед во реванш-дуелот од четвртфиналето.

Пред двомечот на Барселона со Манчестер јунајтед, дефанзивецот на „црвените ѓаволи“, Крис Смолинг се фалеше дека го има „лекот“ за да го сопре Меси, но единствено што успеа да му направи е да му го пукне носот на дуелот на „Олд Трафорд“.

За разлика од Смолинг, Ван Дајк не е толку оптимист и не сака предвреме да се фали за нешто што е навистина многу тешко да се направи.

„Не знам како ќе го сопрам Меси, ќе видиме. Тоа ќе биде голем предизвик за сите нас. Секако дека сме среќни што повторно сме во полуфиналето и тоа е најважно сега. Против Барселона треба да играме како екипа, никогаш не се работи за дуел еден на еден. Никогаш сам не бранам против еден напаѓач. Секогаш сме „ние“ против „нив“. Мислам дека Меси е најдобар играч во светот, но ќе видиме како ќе биде“, рече Ван Дајк.

Меси сезонава даде 10 гола во осум средби во ЛШ, а Аргентинецот вкупно сезонава има 45 погодоци на 42 натпревари.

Барселона е домаќин на првиот меч на 1 мај, а реваншот е на 7 мај на „Енфилд роуд“.

- Оглас -

Најнови вести