Ван Дајк потврди дека нема да игра на ЕП

Вирџил ван Дајк потврди дека нема да игра на Европското првенство од 11 јуни до 11 јули, а тоа што се претпоставуваше сега е и официјално по интервјуто на стоперот за клупската страница на Ливерпул.

„За мене сезоната не завршува со крајот на Премиер лигата бидејќи сум во процес на рехабилитација. Сакам да бидам максимално подготвен за почетокот на идната сезона. Жал ми е што морам да потврдам дека нема да играм на Европското првенство, но тоа е единствената правилна одлука во овој момент и во ваква ситуација. Се надевам дека ќе ми биде од корист за да се подготвам за настап од идната сезона“, изјави Ван Дајк за клупската страница на Ливерпул.

Повредата на коленото на градското дерби меѓу Евертон и Ливерпул играно на „Гудисон парк“ на 17 октомври лани беше кобно за стандардниот стопер на холандската репрезентација.

Во дуел со голманот Пикфорд, Ван Дајк го повреди коленото и оттогаш нема играно. Холанѓаните се надеваа дека ќе биде подготвен за ЕП, но сега веќе е јасно дека Вирџил нема да игра против Македонија, Австрија и Украина, а и до крајот на шампионатот зависно од резултатите и пласманот на Лалињата.

Холандија ќе ѝ биде домаќин на Македонија на 21 јуни во Амстердам, на „Јохан Кројф“ арената, во последниот меч во фазата по групи за двете репрезентации.

 

- Оглас -

Најнови вести