Ван Хал го замолкна новинарот: Ти немаш поим од фудбал (видео)

Луис ван Хал, старо-новиот селектор на Холандија, не дозволи да биде критикуван од страна на еден новинар за време на прес-конференцијата во пресрет на квалификацискиот меч против Турција.

Новинарот тврдеше дека формацијата 5-3-2 претставува дефанзивна игра во фудбалот, за што Ван Хал не се согласи и притоа му посочи на новинарот дека нема поим од фудбал.

„Дефанзивен фудбал е 5-3-2? Па, ти немаш поим од фудбал. Ти како новинар се обиде да ја споделиш својата визија, а ја немаш. Со формацијата 5-3-2 може да се игра напаѓачки. Томас Тухел многу добро го покажа тоа со Челзи, за што му симнувам капа“, порача Ван Хал.

Екстренерот на Ајакс, Баерн Минхен, Барселона и Манчестер јунајтед досега во два меча со Лалињата ја употребуваше формацијата 4-3-3, со која издвои реми од 1-1 против Норвешка и убедлив триумф од 4-0 над Црна Гора во квалификациите за СП. Останува да се види дали утре против Турција ќе се потпре на формацијата која ја бранеше на прес-конференцијата.

- Оглас -

Најнови вести