Вардар бега од десетка во големото дерби против Шкендија

Вардар игра одлично во новата сезона, но денеска младите момци што перфектно од клупата ги предводи Александар Васоски ќе бидат на голем испит, кај актуелниот првак Шкендија.

Во Тетово од 15 часот се игра дербито на деветтото коло во Првата македонска фудбалска лига, веројатно и меч на полусезоната.

Вардар има многу помал притисок, бидејќи е на врвот на табелата со 19 бодови, десет повеќе од големиот ривал. Единствен проблем за четата на Васоски е што скопјани немаат победнички рецепт за Шкендија на последните девет меѓусебни дуели, па можеби денеска ќе ги посака среќата.

Со евентуален триумф на гостите, кои во минатото знаеле да ја победуваат Шкендија на гости би бил од исклучителна вредност и веројатно би ги откажал тетовци од битката за нова шампионска круна.

Сепак и шампионот има свои адути, иако бодовното салдо им е скромно по стартните 8 меча. Имаат искусен и најскап тим во Лигата, составен од актуелни и поранешни репрезентативци, дел од нив и со богато интернационално искуство, наспроти младиот, но многу полетен тим на Вардар.

Дербито секогаш е неизвесно, па шансите се изедначени. Уште едно дерби и тоа локално, скопско ќе се игра во Ѓорче Петров, каде Македонија ќе му биде домаќин на Шкупи. Двете екипи повторно имаат амбиции да играат во Европа, па ќе биде интересно да се следи и дуелот меѓу „лавовите“ и чаирчани во истиот термин од 15 часот.

Двојки, 9. коло, 15 часот: Шкендија – Вардар, Македонија Ѓ.П. – Шкупи, Академија Пандев – Силекс, Борец – Струга Трим Лум. Вчера: Работнички – Ренова 1:0.

Табела: Вардар 19, Академија Пандев 15, македонија Ѓ.П. 14, Ренова 13, Шкупи 12, Шкендија и Работнички по 10, Силекс 9, Струга 8, Борец 5.

 

- Оглас -

Најнови вести