Вардар го победи Еурофарм Пелистер со 24:20 (12:11) во дербито од 8. коло на ракометната Суперлига. Со овој триумф вардарци покажаа дека не се предаваат во трката за титулата и стигнаа до 21 бодови, па сега имаат само два помалку од Пелистер (23 бодови), кој го претрпе првиот пораз во Суперлигата. Охрид кој е на третото место има 17 бодови, а Алкалоид кој вечерва игра против Тинекс Пролет со евентуална победа ќе стигне до 18 бодови.
Уште од самиот почеток на дербито во „Јане Сандански“ се најави дека ова ќе биде интересен меч. Еурофарм Пелистер прв даде гол, но потоа Вардар со два погодици ја превзема предноста и до крајот на првиот дел, Црвено-црните не дозволија во ниту еден момент да бидат во негатива.
Дури седум израмнувања имаше во првите 30 минути, последното беше на 10:10, кога вардарци постигнаа два гола, а Пелистер потоа намали на 12:11 резултат со кој се замина на одмор.
На почетокот на второто полувреме Вардар повторно ја имаше контролата на резултатот. Домашните водеа со 16:14, а потоа следуваше добра игра на гостите, па со низа од 4:1, Песлитер поведе со 18:17 во 42 минута. Во продолжение се играше гол за гол на двете страни.
Битолчани водеа со 20:19 (40 минута и 30 секунда), а потоа следуваше одлична игра ва Вардар посебно во одбраната. Со серија од 4:0 на Вардар, па на пет минути до крајот, поведе со три разлика (23:20), а Јапонецот Јасекира промаши пенал за четири предност на три минути до крајот, откако Лесјак го одбрани неговиот удар.
Сепак, Пелистер продолжи со очајната игра во нападот, па Вардар преку Георгиевски даде гол и за 24:20 на две минути до крајот и ги реши сите дилеми околу победникот. Битолчани не дадоа ниту еден гол во последните речиси 12 минути и во една таква ситуација јасно е дека поразот беше неминовен.