Вардар повторно ја „тресе“ ракометна Европа. Македонскиот првак славеше со 27:25 на гостински терен кај Веспрем, во дербито на третото коло од Лигата на шампиони. За „црвено-црните“ ова е трета победа и продолжува со перфектниот биланс.
Голманот Милосављев повторно блескаше и заврши со 12 одбрани, додека во нападот најефикасни беа Тимур Дибиров со 6 гола, и Вуко Борозан кој постигна 5 погодоци. Вардар со овој триумф покажа дека уште е еден од главните екипи во Европа и дека иако си заминаа неколку клучни играчи, победничкиот дух во екипата уште трае.
Уште од самиот почеток на средбата во Унгарија се виде дека ќе се води неизвесна борба до самиот крај. Веспрем поведе со 4:3, а потоа следеше серија на Вардар од 4:0 за предност од 7:4 во 17 минута. Не само што ја задржа предноста од три гола, Вардар во 21 минута стигна до највисоки 11:6. Во овој период Милосављев блескаше на голот и имаше шест одбрани од 12 удари, додека на спротивната страна АрпакШтербик одбрани само 2 пати во 13 обиди.
Вардар водеше и со 12:7 во 23 минута, а потоа следи серија на домаќините од 3:0 за 12:10. На полувремето Вардар замина со предност од 13:11. Во вториот дел нашиот тим поведе со 14:12, но потоа следеше серија од 4:0 за Веспрем и домаќините во 38 минута имаа предност од 16:14. Во оваа мини криза, Вардар речиси осум минути немаше дадено гол, но потоа возврати со два гола за 16:16. Нерешено беше и на 15 минути пред крајот (18:18).
Веспрем поведе со 22:20, но Вардар не се уплаши. Возврати со серија од 3:о и на 6 минути до крајот имаше позитива од еден гол. Во последните пет минути Вардар одигра шампионски и на крајот заслужено победи за трета победа во третиот меч сезонава.