Вардар го згази Загреб пред 11.000 негови навивачи

Вардар ја покажа целата своја сила во ракометната Лига на шампиони, откако одигра одличен меч и победи на гостувањето кај Загреб со 27:18, во првиот меч од осминафиналето на елитната лига на ЕХФ. Со овој триумф, Вардар веќе „со една нога“ е во четвртфиналето. Сега останува „црвено-црните“, следната недела на свој терен во „Јане Сандански“ на реваншот само да ја потврдат класата и да поминат во следната фаза од ЛШ.

Најпрецизни кај Вардар беа Даjнис Криштопанс и Игор Карачиќ со по пет голови, Мораеш постигна 4, а Дисингер даде три гола. Оввен во нападот, на голот на Вардар блескаше и голманот Дејан Милосавлјев кој имаше 14 одбрани и беше прогласен за играч на средбата.

ДОМАЌИНИТЕ ВО НИТУ ЕДЕН МОМЕНТ НЕМАА ШАНСА ДА СЕ ПОНАДЕВААТ НА ПОБЕДА

Нашиот првак уште од првата минута покажа дека е дојден по победа. Даjнис Криштопанс постигна три гола за водство од 3:0, а Загреб првиот погодок го даде дури во седмата минута, а потоа стигна до 3:4 во 12 минута. Македонскиот првак сепак не попушти во темпото, па со цврста одбрана и серија од 3:0, поведе со 7:3 во 20 минута. Уште тогаш на речиси 11.000 навивачи кои беа присутни во „Арена“, им беше јасно кој ќе победи.

Благодарение на цврстата одбрана и добрата игра во нападот, Вардар во 28 минута стигна и до 12:5, а Загреб повторно имаше „црна дупка“, па во нападот цели шест минути немаше дадено гол. На полувреме нашиот првак водеше со 14:6.

На почетокот на вториот дел Вардар прв пат стигна до девет гола предност (15:9). Загреб се мачеше и постојано се обидуваше да ја намали големата негатива, но најмногу што успеа да стигне беше до минус шест (13:19).

Потоа повторно вардарци влегоа во ритам, па во 51 минута стигнаа и до највисоката предност од 11 голови (26:15). До крајот на средбата, домаќините се изборија за едноцифрен пораз.

 

- Оглас -

Најнови вести