Вардар издржа половина час, Шкендија броеше до шест на Националната арена

Шкендија го доби и третото овосезонско дерби против Вардар, со огромни 6-1 на Националната арена „Тоше Проески“. Дербито на 24-тото коло заврши во полза на моменталниот лидер кој на стартот од средбата наиде на проблеми, а потоа го надмина резултатот од последното гостување во Скопје во октомври минатата година, со 5-1 во корист на тимот од Тетово.

Црвено-црните тргнаа со доста амбиции во воведот, по што следуваше одличниот гол на Мирчевски во 11-тата минута откако шутираше од работ на шестнаесетникот. Шкендија потоа тргна во атак за што побрзо да се врати во игра, па така во 27-та минута Рамадани со малку среќа израмни на 1-1.

Гостите од Тетово уште пред паузата го свртеа резултатот во своја корист, откако Ибраими искористи пенал во 34-тата минута. Најдобриот поединец на Шкендија продолжи  и на стартот од второто полувреме се запиша во листата стрелци, зголеми на 3-1, по што беше јасно дека Вардар полека, но сигурно ја губи битката.

До крајот забиваа Дориев,Хебај и Елези во финишот, па така Шкендија ја запиша 15-тата победа сезонава, за зацврстување на врвот на табелата со 53 бода. Вардар со деветтиот овосезонски пораз падна на деветтото место со 27 бода, по што продолжува потрагата на актуелниот шампион по прва победа во пролетниот дел од сезоната.

Останати резултати од 24-тото коло во ПМФЛ:

Академија Пандев 1-0 Струга Трим Лум, Беласица 1-1 Работнички, Ренова 1-2 Македонија Ѓорче Петров, Силекс 1-3 Шкупи.

- Оглас -

Најнови вести