Вардар немаше сили за нов подвиг против Алборг

Вардар го претрпе и вториот пораз во Лигата на шампионите откако на гостувањето кај Алборг загуби со 33:29. Пред помалку од еден месец, Вардар во Скопје го победи Алборг со 30:28, но овојпат Данците ја искористија предноста на домашен терен и се радуваа на триумф.

По пет одиграни кола, Црвено-црните го претрпеа вториот пораз и со пет бода се на шестото место на табелтата, додека Алборг е прв со осум бодови од пет средби. Тимур Дибиров со 9 гола беше прв стрелец кај Вардар, а Кевин Њокас постигна 6 погодоци, додека голманот Томовски имаше девет интервенции.

Алборг започна добро и поведе со 6:3, а потоа следуваше серија од 4:0 на Вардар и првпат нашиот шампион поведе со 7:6. Црвено-црните водеа и со 8:7, но потоа Алборг со три гола во низа стигна до 10:8. Беше 12:12 пред крајот на првиот дел, кога вардарци ја загубија концентрацијата и примија четири, а дадоа само еден гол, па по првиот дел беше 16:13 за Алборг. Тимур Дибиров блескаше во овој период и даде дури девет гола за Вардар.

Домаќините започнаа силно во вториот дел и за кратко време беше 21:14 за Алборг. Предноста од седум гола данскиот тим ја чуваше и при 25:18, што беше најава дека Вардар нема да има шанса да се надева на изненадување. Нашиот првак успеа да стигне со негатива од два гола (29:27), но сепак Алборг не дозволи да направи од готово-вересија.

Во другите мечеви од оваа група, Елверум со 30:25 го победи Загреб, а Кил и Сегед одиграа драматичен меч кој на крајот заврши нерешено 32:32.

- Оглас -

Најнови вести