Екипите на Вардар и Струга Трим Лум ќе играат во финалето на Купот на Македонија. Овие две екипи беа подобри од своите ривали Брера и Шкендија во двата полуфинални дуели.
Вардар по пауза од 18 години ќе се бори за нов куп-трофеј откако на реваншот во Струмица одигра 1:1 против Брера. Ако на овој резултат се додаде убедливата победа на Вардар од 3:0 во Скопје, јасно е дека црвено-црните заслужено се во финалето.
На дуелот во Струмица, Брера беше таа која прва постигна гол, и тоа преку Јанкулоски, кој по еден центаршут беше највисок и со глава го матираше голманот на Вардар, Талески.
Домаќините водеа по првиот дел, но Вардар не дозволи да има драматичен финиш, откако со голот на Талевски во 58-мата минута израмни на 1:1.
Немаше драма ниту на второто полуфинале. Струга ТЛ имаше залиха од 2:1 по првиот меч во Тетово против Шкендија, а денеска на свој терен одигра 1:1 и со вкупен резултат од 3:2 обезбеди место во финалето.
Нигерискиот интернационалец Хоган Укпа во 20-тата минута постигна гол за Струга ТЛ и уште во раната фаза најави дека нема да има драма на оваа пресметка. Шкендија даде гол во последните моменти од мечот за 1:1, но тоа не беше доволно за тетовци да се надеваат за место во финалето.
Финалето на Купот ќе се игра на 21 мај. Вардар е рекордер со пет трофеи, но првпат по 18 години Црвено-црните ќе играат во финале. Струга ТЛ нема ниту еден трофеј во Купот. Еднаш играа во финалето, но загубија од Македонија Ѓорче Петров во 2023 година.