Вардар против Нексе ќе се подготвува за Барса

Вардар од 20.45 часот во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува хрватскиот вицепрвак Нексе во меч од регионалната СЕХА-лига и средбата треба да биде генерална проба пред дуелот со Барселона од Лигата на шампионите.

Нексе е најпријатно изненадување сезонава во СЕХА, тимот од Нашице има шест победи и само еден пораз, па во моментов го дели првото место на табелата со 18 бода, исто колку и ППД Загреб. Вардар е на третото место со 15 бода.

Нексе неодамна се засили и со Халил Јагањац, кој дојде од Металург, но Вардар е домаќин и ќе ја има улогата фаворит, иако нема да настапи пивотменот Рожерио Мораеш, кој има проблеми со коленото и ќе биде поштеден за да може да игра против Барселона.

„Нексе е силна екипа која игра добар ракомет. Имаа доволно време за да се одморат и да се подготват за нас. Доаѓаат во полн состав во Скопје. Со самото тоа, тие доаѓаат по бодови. Ние одиме на максимум и ова е дуел кој ќе ни биде подготовка за дуелот против Барселона. Нема сомнежи дека ќе покажеме најдобра игра што можеме. Секогаш се бориме до крај и затоа мораме да одиграме квалитетно од почетокот и да се обидеме уште во првото полувреме да дојдеме до предност и тука да го решиме победникот“, изјави Дејан Милосављев, голманот на Вардар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести