Вардар сака реванш против Кил за поразот на Супер Глоуб

Вардар и Кил ќе бијат битка на непоразените, денеска од 17.30 часот во „Јане Сандански“ во Скопје, а победникот ќе биде лидер на табелата во Б групата.

Актуелниот европски првак и покрај сите проблеми, повторно игра одлично и нанижа три победи на стартот од новиот циклус во Лигата на шампионите. Но, денеска е на голем испит, против Кил, екипа што ги порази во август годинава во полуфиналето на Супер Глоуб и клуб што најавува враќање на патеките на успехот.

Кил е германска ракометна институција со 20 титули во домашниот шампионат и три европски круни и ќе биде опасен ривал.

„Ова е многу важен натпревар и на некој начин и меч на сезоната за нас. Ние одигравме многу тежок натпревар на гостувањето кај Монпелје, но тоа беше старт на Лигата на шампионите. Сега го играме првиот сложен ме на домашен терен. Кил е многу добра екипа и голем клуб, кој игра одличен ракомет. По Супер глоуб турнирот Кил ја крена формата. Сепак, ние играме во Скопје и очекуваме многу пред нашите навивачи“, вели Давид Писонеро, тренерот на Вардар.

Црвено-црните ќе мораат да одиграат нов добар меч без Толедо, а и Кристијан Дисингер има проблеми со настинка, но тој ќе игра денеска за Вардар. Во составот е најавен и Стојанче Стоилов, кој е подготвен за сефте настап сезонава.

Македонскиот и европски првак е прв на табелата во Б групата со максимални пшест бода и ако победи ќе му побегне на Кил, кој исто така е непоразен, но со едно реми и две победи и пет бода на втората позиција.

 

- Оглас -

Најнови вести