Вардар во осминафиналето од ЛШ го чека Загреб или Мотор Запорожје

Вардар заврши како третопласиран во групата А и ќе игра со шестопласираниот тим од група Б, во осминафиналето од Лигата на шампиони во ракомет. По 14 одиграни меча, Вардар заврши со девет победи, едно реми и 4 порази и со 19 поени, го освои третото место во групата. Вечерва во „Јане Сандански“, македонскиот првак убедливо славеше над актуелниот европски шампион Монпелје.

Барселона заврши убедливо како лидер со 24 бодови, а Веспрем е втор со 20 бодови, еден повеќе од Вардар. „Црвено-црните“ во претходното коло на домашен терен загубија од Веспрем и поради тој кикс го препуштија второто место на унгарскиот тим, кој денеска на гости со 36:35 го победи Киелце на гости.

По ваквиот расплет во групата, Вардар за противник ќе го чека шестопласираниот од Б групата, каде утре ќе биде комплетирано последното коло. Како стои сега ситуацијата на табелата, Загреб е на шестото место со 10 бодови, а Мотор Запорожје има еден бод повеќе.

Мотор Запорожје утре гостува кај ПСЖ и речиси сигурно ќе загуби, а Загреб игра кај Сегет. Доколку хрватскиот првак успее да направи изненадување, тогаш ќе избегне двомеч со Вардар во осминафиналето.

Резултати од последното коло во група А: Вардар – Монпелје 33:27, Барселона – Рајн Некар 30:25, Киелце – Веспрем 35:36, Мешков Брест – Кристијанштад 32:23.

Конечна табела во А групата: Барселона 24 бодови, Веспрем 20, Вардар 19, Киелце 14, Рајн Некар 14, Мешков Брест 9, Монпелје 7, Кристијанштад 5 бодови.

- Оглас -

Најнови вести