Вардар за десетка, Шкендија за кам-бек во битка за титулата

Вардар игра за чиста десетка и ќе се обиде со победа против шампионот Шкендија да стаса до 10 меча без пораз и да го откаже главниот конкурент за титулата. Денеска од 14,30 часот на стадионот „Борис Трајковски“ ќе се игра големото дерби во македонската Прва лига.

Под команда на Александар Васоски, најтрофејниот клуб играше изненадувачки добро во првиот од четирите круга во домашното првенство и се уште е без пораз по 9 кола. Ако и денеска на стадионот „Борис Трајковски“ остане непоразен ќе биде чекор поблиску до 11 титула на домашната сцена, а победа му носи предност од 10 бодови, што ќе биде речиси недостижна за Шкендија.

Проблем за скопските „црвено-црни“ е отсуството на главниот стрелец Тигран Барсегјан, кој нема работна дозвола и нема да игра, а отсутен ќе биде и Максим Максимов од сити причини. И билансот во меѓусебните натпревари во последно време не е на страната на Вардар, имаат пет меча без триумф и само една победа против Шкендија на последните 8 дуели. Но, ова е нов меч, домаќините покажаа дека умеат да играат одлично и покрај сите проблеми во клубот и се надеваат на триумф што ќе ги однесе на 10 плус во однос на шампионот.

Шкендија има квалитетен состав, но имаше многу проблеми во првиот дел, особено во финишот на првата деветка од шампионатот. За нив ова е меч да се биде, или не, а поразот веројатно ќе значи збогување со титулата. Бесмир Бојку им се повреди на последниот тренинг, а сите останати играчи ќе му бидат на располагање на Ќатип Османи. Тренер, кој се врати на кормилото на Шкендија лани, со победа против Вардар од 2:0 и успеа да ја освои титулата со тетовци со огромна разлика од 35 бодови пред денешниот ривал.

Во првото коло од ова првенство Васоски дебитираше на клупата на Вардар на домашната сцена, токму против Шкендија и умешно му се спротивстави на Османи. Вардар освои голем бод во Тетово, со реми, 2:2, а двајцата стратези ќе се надмудруваат и денеска и од нив ќе зависат доста работи околу конечниот исход на дербито.

Двојки, 10. коло, 14.30 часот:

Вардар – Шкендија

Македонија Ѓ. П. – Академија Пандев

Ренова – Работнички

Шкупи – Силекс

Беласица – Победа

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести