Вардарци го признаа поразот и најавија подобра игра на следните мечеви

Вардарци го признаа поразот од Барселона и најавија дека во следните мечеви ќе се обидат да ги корегираат грешките кои ги направија на денеска. Капитенот Стојанче Стоилов и тренерот Роберто Парондо му честитаа на противникот.

„Заслужена победа на Барселона. Ние им ја олеснивме задачата. Премногу технички грешки во првиот дел, а потоа во второто полувреме кога се обидовме да ги стигнеме, немавме среќа. На гостувањето во Барселона да ги поправиме грешките и да се обидеме да бидеме подобри“, рече на пресот по мечот, капитенот Стојанче Стоилов.

Слично е мислењето и на тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

„Честитки за победата на Барселона. Одиграа одличен меч. Благодарам на нашите навивачи кои направија одлична атмосфера, но ние паднавме. Направивме многу технички грешки, а кога се игра против тим како Барселона, мора да се игра речиси перфектно за да се победи. Денеска ние тоа не го направивме и затоа загубивме. Имаме уште седум меча и ќе се обидеме да бидеме подобри“, рече тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

Гостите задоволи си заминуваат од „Јане Сандански“.

„Многу сум среќен бидејќи не е лесно да се игра тука, на оваа атмосфера. Заслужено победивме. Започнавме одлично и ја диктиравме играта. Добро е што и во второто полувреме почнавме добро. Вардар е борбен тим и во текот на целиот меч се бори и сигурно следниот меч ќе биде многу потешко“, рече тренерот на Барселона, Чави Пасквал.

Голманот на гостите Перез де Варгас беше еден од најдобрите на теренот.

„Успеавме во текот на целиот меч да бидеме фокусирани за тоа што требаше да го направиме. Сакавме да победиме на вака жежок терен. Среќни сме за победата и мора да продолжиме во ист стил и на следните мечеви. Вардар во реваншот сигурно нема да ги повтори истите грешки и затоа не смее да се опуштиме и на дуелот во Барселона“, рече Де Варгас по денешната победа во Скопје.

- Оглас -

Најнови вести